Граѓаните на Македонски Брод се определија за уредување на центарот
Седмата форумска сесија во Македонски Брод, во рамки на програмата "Форуми во заедницата ", се одржа на 7 април во салата на ОУ "Св.Климент Охридски", во присуство на 75 жители на општината.

Целта на сесијата беше избор на проектите кои ќе бидат финансирани со средствата од проектниот фонд и реализирани во наредните осум месеци. Изборот на приоритетните проекти се спроведе со транспарентна постапка на гласање, во позитивна атмосфера. Од вкупниот број присутни граѓани во процесот на гласање се вклучија 71 кои правото на глас го остварија со учество во работата на форумот на претходните сесии.
За гласање на седмата сесија во Македонски Брод се предложија следните четири предлог-проекти што учесниците на форумот ги утврдија како приоритетни за подобрување на нивниот секојдневен живот:
- „Нови перспективи за развој на туризам во општина Македонски Брод-ловечка куќа во село Тажево“
- „Уредување на централното градско подрачје во Македонски Брод“
- „Подобрување на инфраструктурата за спорт и рекреација и зголемување на безбедноста во сообраќајот во Македонски Брод“
- „Македонски Брод-еколошки чиста и здрава животна средина

Жителите на Македонски Брод, му дадо широка поддршка на проектот "Уредување на централно градско подрачје во Македонски Брод" и истиот ќе се реализира со средствата од проектниот фонд.
Вкупниот буџет за овој проект изнесува 5.799.383,64 денари, од кои Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и општината обезбедија четири милиони денари, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди носителот на проектот и партнерите.
Со реализацијата на Седмата форумска сесија заврши форумскиот процес во општина Македонски Брод. Форумскиот процес, како прв дел од програмските активности предвидени во рамки на програмата „Форуми во заедницата“, опфати дефинирање на проблеми на територија на општината од област на темата на форумот, нивна анализа, предлагање решенија за проблемите и развој на предлог-проекти.

Во наредниот период, во рамки на програмата „Форуми во заедницата“ во општина Македонски Брод, следува спроведување на активности за реализација на избраниот проект. За таа цел претстои подготовка на целосна техничка документација неопходна за добивање на потребните одобренија за градба, спроведување на тендерска постапка за избор на изведувачи, по што ќе следат градежните активности предвидени во рамки на избраниот проект.













