Жителите на Долнени избраа два проекти
Форумот во Долнени, во рамки на програмата “Форуми во заедницата“, по седми пат се одржа на 2 јули во ресторанот “М“ во село Лажани, во присуство на околу 70 жители на општината.
Жителите на Долнени, од неколкуте предлог-проекти што ги утврдија како приоритетни за подобрување на нивниот секојдневен живот, избра два - „Управување со отпадот во населените места во општина Долнени и едукација на населението – јакнење на свеста“ и „Обезбедување здрава вода за пиење во населените места Житоше, Долно Житоше и Локвени“.
Вкупниот буџет на првиот проект изнесува 6.327.000 денари, од кои Швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ (SDC) и општината обезбедуваат 5.684.000 денари. Остатокот од средствата го обезбедуваат носителот и партнерите.
Буџетот на вториот проект е 5.054.459 денари, од кои Швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ (SDC) и општината ги обезбедуваат преостанатите 316.000 денари од буџетот за изработка на техничка документација.
Практичното спроведување на проектите ќе подразбира серија активности, меѓу кои набавка на возило за транспорт на отпадот до времените депонии, набавка на контејнери и нивно распоредување по населените места, како и подигање на јавната свест и информирање на граѓаните.
Исто така, вториот проект подразбира изработка на техничка документација за изградба на нов резервоар од 240 метри квадратни до постоечкиот и поврзување со истиот и поставување нов цевковод од полиетиленски цевки Ф125 во должина од 700 метри.
Седмата форумска сесија го финишираше форумскиот процес, кој започна со детектирање на општинските проблеми во рамки на темата, нивна анализа, формирање работни групи, нудење решенија на проблемите, подготовка на предлог-проекти и на конечни проекти.
Програмата “Форуми во заедницата“, освен во општина Долнени, во оваа фаза се одржува и во уште седум општини – Берово, Битола, Свети Николе, Ресен, Сарај, Кочани и Ново Село.













