Жителите на Долнени ги презентираа предлог-концептите
Околу 65 граѓани на општина Долнени присуствуваа на четвртата форумска сесија, што во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ се одржа на 25 февруари во ресторанот “М“ во село Лажани.
Присутните жители ги презентираа предлог-концептите и предлог-буџетите изработени врз основа на приоритетните проблеми, што граѓаните ги утврдуваа согласно темата “Заштита на животната средина“.
“Кој било предлог-концепт да биде усвоен ќе биде во интерес на граѓаните“, вели Аземина Тариќ, жител на општината.
Сесијата ги презентираше и усвои следните предлог-концепти:
- Решавање на проблемот со водоснабдување во населените места
- Подобрување на условите за спорт и рекреација
- Третман на отпадот во населените места и едукација – подигање на свеста
- Регулација на речни корита
- Заштита од пожари
Согласно овие пет предлог-концепти се формираа и работни групи кои ќе истражуваат на терен за да ја утврдат моменталната ситуација, а беа предложени и предлог-буџети со чии средства би се реализирале доколку го изгласаат жителите на општината.
“Доаѓам од населено место Сарандиново, во кое нема ништо, па така се надевам дека овие предлози ќе бидат корисни“, вели Данчо Стојковски, еден од присутните на Форумот.
Програмата “Форуми во заедницата“ има за цел да го поддржи партиципативниот развој на заедниците на локално ниво.
Форумот претставува платформа за развој кој што цели кон тоа граѓаните да го подобрат сопствениот живот со сопствени идеи и учество.













