Жителите на Долнени за Заштита на животната средина
Заштита на животната средина е темата што ја избраа жителите на општина Долнени на првата форумска сесија што во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ се одржа на 3 декември, во ресторанот М, во село Лажани.
Темата, една од двете предложени од страна на општинските власти, доби 57 гласа, за разлика од темата Рурален развој, за која гласаа 37 жители.
“Општина Долнени е мултиетничка средина во која сите граѓани живеат во мир и хармонија. Многу инфраструктурни проблеми решивме но за жал уште многу останаа“, изјави градоначалникот на Долнени Изудин Каришиќ, на почетокот од сесијата.
Општина Долнени е една од осумте општини што во рамки на Програмата, беше избрана во вториот циклус од Втората фаза на Програмата, во која се предвидува да се вклучат околу 25 општини во наредните три години.
Присутните на првата сесија се распоредија на неколку “работни маси“ што ги претставуваат различните интереси на жителите - земјоделство, стопанство, здравство, младина, група со посебни потреби, заштита на животна средина и образование.
Проектите, што ќе ги утврдуваат и предлагаат жителите, ќе се финансираат со буџет од шест милиони денари, од кои 1,5 милиони се учество на општината, а 4,5 милиони донација на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Програмата, во оваа општина, ја спроведува Здружението за одржлив развој и соработка “Алка“.













