ПРЕПАРЕ конференција во Хрватска и Словенија
Претставници на Центарот за одржлив развој “Алка” присуствуваа на “ПРЕПАРЕ – Партнерство за рурална Европа” - годишната конференција во Хрватска и Словенија од 30 Јуни до 4 Јули 2009 година. Главен акцент на овој собир беше ставен на “Руралната економска обнова и проширувањето на Европската Унија во југоисточна Европа” со посебен фокус на учеството на граѓанскиот сектор во новите земји членки и земјите кандидати за членство во ЕУ.
ПРЕПАРЕ мрежата за рурален развој има за цел јакнење на граѓанскиот сектор и промоција на транс – националната соработка во руралниот развој со посебно внимание посветено на новите земји членки на Европската Унија, земјите кандидати и новите соседни земји на проширената Европска Унија. Како една од основните компоненти на ПРЕПАРЕ Програмата се меѓународните конференции и собири.
ПРЕПАРЕ собирот 2009 се одвиваше низ поврзани настани во Хрватска и Словенија, кои се однесуваа на руралниот развој се со цел да земат учество што е можно повеќе претставници на граѓанскиот, јавниот и приватниот сектор првенствено од централна и југоисточна Европа.
Главните цели на собирот беа:
- да се создаде можност за дијалог и да се изразат видувањата на моменталните предизвици во руралниот развој во Европа и пошироко;
- да се создаде место за размена на искуства и идеи со нагласок на поттикнување на соработката во руралниот развој помеѓу актерите од централна и источна Европа, земјите кои се веќе членки, земјите кандидати и земјите кои се подготвуваат за пристап кон Европската Унија, а посебно оние од југоисточна Европа;
- да се промовира дијалог помеѓу јавниот, приватниот и цивилниот сектор.














